Интервју КРУЛ: „АНДЕРФЕСТ не собра после цели 17 години, а идејата беше да отсвириме само една свирка!“

Cruel е алтернативен рок бенд формиран во 1996 година во Скопје од страна на гитаристот и вокал Новица Василевски и тапанарот Трифун Јосифовски. Составот e надополнет со бас гитара Николовски Николче Ниџо. Бендот активно свири со преку 25 свои авторски песни и настапи на поголемите фестивали во земјата. Тие го најавија  и нивниот нов настап, на фестивалот АНДЕРФЕСТ. Поразговаравме со нив околу нивните идни планови:

Активно свиревте до 2002 година, прекинавте со работа, па сега повторно ја зазедовте сцената. Толку ли е голема љубовта и желбата за свирење?

Toa e нешто што го имаш во себе, таму некаде, седи, чека, копнее, гризе. Сега чувствуваме дека е време сè она што го одлагавме да излезе на сцена.

Сите настапи си имаат своја убавина но кој настап ви е најдраг и ви останал во најголемо сеќавање?

Реално, многу од нашите настапи се закопани многу далеку во минатото. Сега имаме многу нови идеи за сé што правиме.

Оваа година повторно се враќате на сцената на фестивалот Андерфест. Минатата година настапувавте, а оваа година повторно сте најавени. Како поминавте лани, толку ли бевте добри за повторно да ве викнат?

Не е тајна дека првото издание на Underfest не собра повторно заедно после цели 17 години. Идејата беше да отсвириме само една свирка. Но сега, веќе не мислиме така. Знаеме дека имаме нешто да кажеме, мисла, енергија, идеја и секогаш ни е мило ако има кој да го чуе тоа. Се чувствуваме добро што некој препознал нешто во нас.

Снимате ли нови материјали, каде, кој ви помага во продукцијата?

Снимивме 6. песни пред две недели и тоа беше добро искуство. Се појавија многу луѓе како 1cм https://1cm.com.mk/ кои ни помогнаа да го направиме тоа. Им благодариме со цело срце.

Одиме понатаму со тоа што сакаме да промовираме дел од овој материјал, тоа е песната „Ова сум јас“, за почеток.

Кои ви се следните планови?

Плановите се да промовираме дел од овој материјал и да видиме каков одзив ќе има тоа кај нашите луѓе. Планираме и видео запис. Потоа, се надеваме да доснимиме уште отприлика 6. нови песни за да издадеме албум на есен.

Интервјуто е направено во соработка со редакција ЕКРАН