Интервју – The Chicks – Девојките: „Настапуваме со цел да им пренесеме на луѓето порака за љубов и среќа!“

Кога се појавија „The Chicks -Девојките“ прво беа изненадување, па шок  и предивикуваа чудење на македонската поп сцена. Но, секој нивен следен чекор, настап, како сакатае наречете го, донесуваше потврда дека местото на „Девојките“ и тоа како им е е тука – каде што се… Овие млади дами сакат предизвици, докажување,имаат вибра која ги движи понатаму, и понатаму…Со нив разогваравме пред нивниот настап на „Андерфест“ (на 3. и 4. април) каде повторно ќе бидат во центарот на вниманието како женски бенд…Но, сигурни сме дека ќе ја освојат и публиката на „Андерфест“, бидејќи со овие девојки нема шега – Тие едноставно освојуваат со позитивната енергија која ја шират и…секако со музиката! 

Неспорно е дека внесовте свежина на македонската поп сцена, сепак, како се случи да се формираат The Chicks?
– Основната формула за да се состави еден бенд е љубов, инспирација и желба. Секоја од нас ја знае и ја владее оваа формула. Тука се среќаваме и се надополнуваме секоја на свој начин. Ете токму таа различност буди една нова свежина на македонската поп сцена. Да позборуваме за почетокот, првично Сандра ја иницираше идејата за женски бенд. Ја исконтактира Моника, па Наталија и така се создаде “The Chicks”. Сите три ги дадовме елементите за да создадеме еден нов уникатен музички бенд, кој се карактеризира со својата посебност.

Колку наградата на „Макфест“, со „Боите на љубовта“ за најдобри дебитанти, придонесе за посериозен пристап кон музиката?
– Макфест ни беше еден голем поттик за авторска музика. Навистина сме благодарни што настапувавме на таков фестивал, бидејќи се запознавме со многу музичари кои веќе имаат низа авторски песни зад себе. На Макфест ја изведовме нашата прва авторска песна за која добивме и признание – Награда за најдобри дебитанти. Можете да замислите колку мотивационо влијаела оваа награда на еден нов бенд.
Година и пол по Макфест следеше и нашата втора авторска песна “Ах тие очи”.

Мора да се признае дека сте оригинални и пријатни за служање но и гледање. Ретки се тие две комбинации во наши простори, можеби и пошироко. Ширите позитивна енергија?
-Фала ви. Навистина ни е мило кога ќе слушнеме убави зборови за нас. Тоа ни потврдува дека нашето творештво е вредно и прифатено од публиката. Викаат дека уметникот ја покажува својата душа преку неговото дело и изведба, а токму тоа и го правиме. Музиката е отворена и слободна и ни дава простор да го изразиме она што вистински го имаме во нас. Шириме позитивна енергија, бидејќи настапуваме со цел да им пренесеме на луѓето порака за љубов и среќа.


И во авторски песни и во кавери се чувствува тоа што The Chicks го носат – ние препознавме голема љубов кон музиката?
Несомнено е дека тоа се извира од нас и се познава затоа што е исконска и чиста љубов кон музиката. Се познава во нашите обработки и песни кои што досега ги објавивме, но она што допрва ќе има нашата публика можност да го слушне , а тоа се песните од новиот албум, дефинитивно веруваме дека ќе им овозможи на слушателите пловење низ разновидни емоции и посебно доживување на секоја наша емоција втисната во песните. Инаку веруваме дека секој човек носи во себе многу големо творештво , само треба да знае правилно да го исканализира и да не дозволи бариерите кои постојат во секој од нас да го спречат во тоа.

Што може да се каже за вашето досегашно искуство на сцената – дали публиката ве препозна и ви врати на соодветен начин?
– Можеме да кажеме дека наидовме на огромна поддршка од публика од секоја генерација ,што ни  е посебно драго дека можеме да допреме до секој човек без разлика на возраст, пол. Ние си го сакаме нашиот народ, сакаме да им го подариме она што го носиме во себе и кога е вистинско чувството тоа едноставно се препознава и затоа публиката не прифати. Често добиваме прашања: кога настапувате во некој конкретен град или кога ќе има нова песна ,што ни дава навистина огромна мотивација да продолжиме со ова што го работиме.

Приватно професионалки во своите професии кои не се едноставни (економист, доктор, правник) а од љубов кон музиката и The Chicks, сметате ли дека само таквата комбинација е одржлива во Македонија кога станува збор за музиката?
Не би се согласиле дека само таа комбинација е одржлива, но конкретно за нас ние сме повеќестрани личности со пасија и дарба за повеќе области. Да, знае да биде напорно работење на двете полиња и бара голема посветеност , но кога те води љубов кон нештото што го работиш и кога имаш верба и мотивација уморот е последната работа која што ја чувствуваш. Најлошо е ако дозволиш догмата дека кај нас во нешто не можеш да успееш да те совлада. Можам , способен сум и верувам дека ќе успеам! Ете тоа е мислата која треба да го води човек напред.

Дали во досегашната работа успеавте да дојдете до она што го посакувавте?
– Во нештата се впуштаме чекор по чекор. Спонтано и слеано се случуваат работите како што ние растеме низ музиката, така тие се отвараат. До сега сме оствариле се што сме замислиле и се движиме во добар правец. Животот е бескрајно патување. Што следи и за нас е изненадување.

Го подготвувате вашиот албум и тоа со Принц, дали токму тој е вистинското „огледало“ на вашите музички предиспозиции…Да се биде свој а не комерцијален по секоја цена!
-Да, албумот е во тек. Автор на музиката е Александар Чекреџи – Чекре, личност која до пред една деценија има соработувано со многу личности од музичката сцена во Македонија и надвор од неа. Принц е линкот помеѓу нас и Чекре, а воедно и не води низ целиот процес.Од а до ш. Покрај тоа на поголем број од песните има удел во аранжманот на гитарите и истиот ни го оплемени со пратечки вокали кои фантастично звучат во комбинација на нашите вокали. Принц е тотално креативна и инспиративна енергија која точно знае кој е „магичниот зачин“ за нештата да звучат топ!
Како што вели и самиот, дека знае да прави компромис за се но со музиката нема зезанција.Одлично комуницираме и соработуваме низ се заедно. Ќе слушнете наскоро што сработивме

Што следно можеме да очекуваме од The Chicks?
-Прв пририоритет ни е албумот да го доближиме до што поширока публика, бидејќи иако може да звучи малку нескоромно во него гледаме голем потенцијал, креативност и движечки вајб, кој заслужува да излезе надвор од границите на нашата држава.
Се радуваме многу на нашето првенче. Понатаму, би сакале да искусиме неколку соработки, фестивали, настапи во странство… па конечно и свои лични концерти! Је Је !

Г.О.

Редакција ЕКРАН